„Појавата на резбаните иконостаси кон крајот на XVIII век се синхронизира со појавата на слични дела по островите на Егејското и Јонско Море и во одделни центри на балканот – Мијачките, Самоковските, Тревненските, Банските и Мецовските (епирските) резбарски работилници, кои во текот на своето творештво во литературата ќе бидат наречени “резбарски школи”. “…
…„Мијачките копаничари, кои престојувале на Света Гора кај мајстори-резбари во работилниците од Италокритската школа, ги негувале поствизантиските традиции што ги носеле од Запад.“…
…Што се однесува до стилот на работа на мијачките копаничари, во литературата се смета дека оригиналноста во стилот на мијачките копаничари-уметници е многу слободното користење на растителни форми во мошне разновидни композиции со човечки и животински фигури. Исто така, се смета дека во почетокот на XIX век постои оформен центар од мијачки копаничари што создале свој “стил” во резбарството, различен од другите школи, и тие создаваат нов правец во развитокот на копаничарството. (извадок од книгата „Македонска резба“ од д-р Димитар Ќорнаков).
_______________________________________________
Мијачкиот стил се одликува со висок рељеф („ копаница“). Својата основа (образ) ја има во Светогорската резбарска школа од XVII и XVIII век. Името го добива по населението наречено Мијаци од Малореканскиот крај во Западна Македонија во околината на градот Дебар. Затоа се нарекува и дебарска школа. Таму се создаваат резбарски тајфи понекогаш и од повеќе членови од едно семејство. Некои од нив паралелно го изучувале и резбарството и иконописот. Познатиот иконописец Дичо Зограф во својата рана младост учествувал во резбарска тајфа. Најпознатиот копаничар пак, Петре Гарката од родот Филиповци (својот надимак го добива според селото Гари од кое потекнува) го нарекувале Петре – зографот. Токму тој нивен пристап, нивната висока литургиска култура и црковен живот ќе ги изродат најголемите копаничарски дела во XVIII-от и XIX-от век, иконостасите во манастирите Св. Гаврило Лесновски – с. Лесново, Св. Спас во Скопје, најрепрезентативниот во Св. Јован Бигорски, Св. Јован Рилски и т.н. Копаничарскиот занает прерасна во висока црковна уметност, не само декоративен украс.
После долгогодишното истражување и работа сега со сигурност можеме да кажеме дека мијачкиот стил претставува еден од најтешките резови во дрво воопшто. Едни од најрепрезентативните елементи се столбовите. Тие се торзирани од внатре, еден дел се со надворешната обработка иако таа е многу густа во својата содржина. Изгледаат скоро невозможни за остварување.
Најтешки и најрепрезентативни делови се т.н. мали табли под престолните икони. Тие се изработени од сите 6 страни (во видокругот се 5) и некаде достигнуваат до 6 нивоа подредени елементи во длабочина.
Најпознати уметници копаничари зографи од овој период се Петре Гарката, Макарие Фрчкоски, Марко братот од Петре од родот Филиповци, подоцна – Нестор Алексиев и т.н.
Ова што погоре го кажавме за нив го претставува нивното врвно мајсторско достигнување во овој занает. Но, тоа што посебно ги издвојува е нивната креативност во духовна смисла, нивната висока литургиска свест, посебно на Петре Гарката. Испреплетени меѓу флора и фауна, врамени со мали барокни рамки (колку да издвојат настан од настан) тие ќе прикажат многу библиски теми, сцени од стариот и новиот завет, животот на Господ Исус Христос, Пресвета Богородица, на светителите, на ангелските чинови… Таква виртуозност и Боговдахновеност во овој занает и уметност нема да се појави никаде на друго место во православниот свет, па дури ни на Света Гора Атонска каде овие мајстори ги имаат своите учители.