
Протојереј проф. д-р Стефан Санџакоски
Редовен професор на Теолошкиот факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје
За авторите:
Краток Животопис на
НОВИЦА СТОЛЕСКИ
Од Бога благословен мајстор на Копаничарската уметност
Новица Столески е еден од најистакнатите македонски копаничари. Роден е во свештениот град Струга во 65-тата год. од векот што измина. Тој е првото дете од трите родени деца во Богоблагословениот брак на благочестивите и Богољубивите христијански родители Методија и Слободанка.
Уште во утробата на својата христољубива мајка, Тој се храни со Телото и Крвта на нашиот Распнат и Воскреснат Бог и Спасител Христос. Во кругот на своето семејно огниште младиот Новица расте по мерата од растот на височината Христова и ги открива многубројните таленти со кои Бог го овенчал неговото битие и личност. Љубовта и наклонетоста кон математичките науки во многу ќе ја определи неговата подоцнежна животна судба. Како конечен резултат на неговото темелно изучување на природните науки е стекнатиот академски статус – електроинжинер.
Првото работно искуство маестро Новица Столески го стекнува во “Македонски Телеком”, каде што се вработува во 1996 год. а потем во 2001 год. се префрла во “Мобимак” (подоцна “Т-Мобиле”), како регионален претставник за продажба. Во оваа престижна работна организација Новица Столески пожнева неколку врвни признанија и награди кои го ставаат во тесниот круг на професионалната елита.
И покрај колосалните успеси што маестро Новица Столески ги постигнува во бизнис секторот, го напушта привлечното, добро платеното раководно место во “Т-Мобиле”, за да го претвори во јаве сонот за копаничарската уметност сонуван од раното детство во прегратките на својот татко Методија. За повеќето од луѓето врзани со папочна врска за “духот на овој свет” оваа постапка на маестро Новица е протолкувана како безумна.
Во 2012 год. маестро Новица Столески создава своја “мајсторска работилница” за уметничко копаничарска дејност, наречена “Двери”. Сега маестро Новица удобноста на животот ја менува со крстоносниот пат на православниот уметник кој создава во слава Божја и во ретко видена скромност и смирение.
Поради свеста за литургискиот карактер на копаничарската уметност и по силата на внатрешниот диктат на совеста влегува во “Свјатаја Сватих” на Калишкиот Богородичен храм, како прислужник на Литургот на Калишката монашка киновија, отецот Стефан Санџакоски. Прислужничката дејност маестро Новица ја става во функција на духовно растење на својата христијанска личност, но и во функција на духовно оспособување за оригинално и уникално создавање во доменот на копаничарската уметност. Како резултат на неговиот молитвено-аскетски пристап кон саканата уметност се неговите многубројни уметнички творби издлабени во дрво чиј квалитет е најмалку еднаков, а можеби поголем од квалитетот на делата изработени од рацете на феноменалните мијачки класици на копаничарската уметност, какви што се: Петре Филипоски-Гарката, Макарије Фрчкоски… Убедлива потврда за ваквата оценка наоѓаме во Божницата за целивната икона на Мајката Божја “Достојно ест” во наосот на Бигорскиот храм Свети Јован Крстител. Во контекст на кажувањево за “Целивалната” праведно е да се истакне огромната заслуга за неа што му припаѓа на грижливиот, штедриот и духоносниот благоукрасител на Бигорското светилиште, Високопреподобниот Архимандрит и Настојател на монашкото општежитие, Господин Партениј.
На овој неверојатен успех му претходи триесетгодишна минуциозна истражувачка работа за откривање на веќе митските мистерии на Мијачката копаничарска школа.
Маестро Новица Столески е член на ЗКМАК почнувајќи од 1995 год. и е учесник на неколку први Копаничарски колонии во Свештениот општежителен манастир Свети Јован Бигорски.
Тој учествувал на неколку копаничарски изложби во Р. Македонија (Скопје, Струга) и на една меѓународна копаничарска изложба во Р. Словенија (Љубљана).
Во соработка со државното Министерство за Култура од областа за заштита на нематеријалното културно наследство, маестро Новица Столески ја организира копаничарската школа “Мијачки стил” во 2015 год.
Во 2014 год. Новица Столески поминува четиримесечен активен престој во Бигорскиот манастир, каде што ја изработува т.н. “мала табле” (ќитабе) т.е. хагиографскиот приказ на Повеста за чудотворната икона “Достојно Ест” во резба.
Во 2015 год. остварил поклоничко и студиско патување во Најсветата Гора Богородична – АТОН.
Во богатиот опус на реализирани уметнички творби влегуваат и делата изработени заедно со неговиот татко Методија на кому му ја должи сета љубов и знаење за копаничарската уметност.
Изработените уметнички дела маестро Новица Столески ги красат храмовите и манастирите во: Македонија, Света Гора – Атонска, Русија, Грција, Србија, Германија…
————————————————————-
Краток животопис на
МЕТОДИЈА СТОЛЕСКИ
Од Бога благословен мајстор на свештената копаничарска уметност
Овој од Бога даден препородител на копаничарската уметност во Македонија е роден во 1939 година во славното востаничко село на првиот македонски Илинден (1903г.) Ташмаруништа кај Струга. Големите интелектуални дарби и уметничкото доживување на светот и животот му помогнале во тие претешки времиња за егзистенцијален опстанок да го заврши Средното дрводелско училиште во Белград, а веднаш потоа да дипломира на Педагошката академија во Скопје. Денес маестро Методија Столески е пензиониран просветен работник и доживотно активен творец и препородител на древната Мијачка копаничарска школа, заедно со неговиот син Новица, навистина ингениозен копаничар.
Работното искуство на маестро Методија Столески е разнообразно и необично богато. Во шеесеттите години од минатиот век работи како уметнички дизајнер во Емајлната индустрија на фабриката “Борис Кидрич” во Струга. Од седумдесетите години па сè до пензионирањето маестро Методија Столески работи како просветен работник – наставник по ОТО.
Паралелно со неговиот професионален ангажман маестро Методија се бави со копаничарската уметност на која ѝ е посветен од раната младост. Веќе во 1956 година работи и стекнува знаење за дрвото како градежен и уметнички материјал во познатата работилница за мебел во Белград. Во зрелите години од својот живот ѝ се посветува на црковната и фолклорната резба. Како резултат на посветеноста на литургиски осмислената копаничарска уметност се осумте иконостаси за осум храмови во Р. Македонија. Но безбројни се индивидуалните дела од фолклорната резба разнесени буквално ширум целиот свет: САД, Германија, Франција, Англија, Јапонија… Доволно е тоа кажување да се илустрира со податокот дека неклолкумина лауреати на “Златниот Венец” на СВП поседуваат негови уметнички творби во резба. Ќе ги спомнеме имињата на светски познатите поети: Анри Мешоник (Франција), Тед Хјуз (В. Британија), Макото Оката (Јапонија)…
Свои теоретски трудови за копаничарството маестро Методија објавува во списанието “Копаничар” за ЗКМАК.
Во 2016 година маестро Методија Столески го одбележа шеесетгодишниот јубилеј на својата копаничарска уметничка дејност.
ДВЕРИ ДООЕЛ
Мирче Ацев бр.9
6330, Струга, Р. Македонија
Моб:+389 70 300 680
е-пошта: contact@dveri.mk